|
А.Д.”ЕВРОПА” датира од 1882 година, кога е формирана како занаетчиска работилница за производство на бонбони, локум и слични производи од шеќер, со дневни капацитети од 250 кг и пет вработени на 150 м² работна површина.
Опремата на работилницата во тоа време е многу скромна - бакарни казани (соѕидани од тули и глина) за производство на бонбонска маса и варење на локум, мермерни плочи за ладење на локумската маса и сл.
Освен инвестициите во поглед на механизацијата на производствените процеси, паралелно се води сметка за континуирано подобрување на квалитетот на производите, со ангажирање, во тоа време, на најдобрите мајстори во својата област.
Предвоената и воената состојба во земјата, во времето на двете светски војни, наметнува период на стагнација на работата на “ЕВРОПА”. Повоените години се период кога под отежнати услови се произведуваат само некои од производите.
Во 1952 година се дислоцира фабриката во “нови” претходно преадаптирани и приспособени простории што беше предуслов за делумна реализација на веќе изготвената инвестициска програма и набавка на нова опрема за производство на: бонбони, карамели и технологија во сите фази за производство на чоколада (пржење на какао-зрното, подготовка на какао-масата, кончирање на чоколадната маса, темперирање и лиење).
Пораст на производството, висок квалитет и широк асортиман на производи е резултат на новата модерна опрема во бонбонскиот и чоколадниот погон.
Катастрофалниот земјотрес од 1963 година и` нанесе сериозни штети на Фабриката, но, благодарение на одобрените финансиски средства (кредити), направени се вложувања во изградба на современи работни простории и нови современи технологии за чоколадното одделение, воведувајќи и нови видови производи - чоколадни десерти.
Новоизградените простории овозможуваат формирање и на модерна производствена единица за вафлини производи. Во овој период не се заборава и на реконструкции, модернизации и проширувања и во останатите погони од Фабриката.
Инвестициската активност во периодот од 1989-1992 година продолжи и понатаму, и овозможи висок степен на развој во годините што следуваа, со зголемен обем на производство, продажба и многу добри финансиски резултати.
Најголем обем на производство е постигнат во 1991 година (8.893 т) и продажба (9.154т).
Денес, “Европа” брои 430 вработени, а процесот на производството се одвива во две смени.
Набавената квалитетна опрема од западноевропско производство им даде извонреден квалитет на нашите производи.
Кај вафлите е постигнат висок квалитет кој ја зголеми продажбата и ни овозможи присуство на европските и на светските пазари. Воведена е нова технологија за производство на бисквити, покрај веќе постојните - за вафли и слатки.
Новата технологија "one shot" за лиење на чоколада, полнета чоколада и десерти, го осовременија производството со висок степен на автоматизација во делот на изработката и директната поврзаност, преку транспортната лента, со пакувањето на производите.
Новата опрема во десертниот сектор придонесе за подобрување на квалитетот и квантитетот кај фондан-производите и пенестите производи, а овозможи и производство на нови производи од видот на лиени гумени и желе-бонбони.
Кај бонбоните, новата линија за тврди полнети бонбони не само што го подобри квалитетот на производите туку и го зголеми асортиманот. Исто така, во овој сектор набавена е нова линија за производство на карамели, што ќе придонесе за зголемување на квалитетот и проширување на асортиманот на овој вид производи.
Во последниве години забележителни се позитивни промени во делот на амбалажирање на производите -добиени се квалитетно дизајнирани и атрактивни производи, што е потврдено од пофалбите на нашите деловни партнери во странство и од домашниот пазар, како и од потрошувачите, за извонредниот квалитет, дизајн и амбалажа на производите.
Во последниве години се инвестира и во компјутеризација, што обезбедува присуство на најнови технологии и гарантиран квалитет на производите.
Како референција за напред изложеното е и отпочнувањето на процесот на сертификација на А.Д.”ЕВРОПА” за сертификатот ИСО 9001. |